Дефлација и годинава, граѓаните не гледаат пониски цени

Bez autora
Feb 18 2015

И за јануари годинава државните статистичари измериле пад на трошоците на живот во земјава за 1,5 отсто. Тоа е само продолжување на трендот на дефлација, кој стартуваше уште од април минатата година и со исклучок на јули, се повторува во сите месеци оттогаш наваму. Всушност, минатата 2014 Македонија ја заврши со дефлација, или пад на трошоците на живот за 0,3 отсто во споредба со претходната година. Тоа во превод би значело дека живејачката за толку проценти станала поевтина, односно дека на граѓаните им било олеснето плаќањето на сметките и подмирувањето на другите животни потреби.

Дефлација и годинава, граѓаните не гледаат пониски цениИ за јануари годинава државните статистичари измериле пад на трошоците на живот во земјава за 1,5 отсто. Тоа е само продолжување на трендот на дефлација, кој стартуваше уште од април минатата година и со исклучок на јули, се повторува во сите месеци оттогаш наваму.

Всушност, минатата 2014 Македонија ја заврши со дефлација, или пад на трошоците на живот за 0,3 отсто во споредба со претходната година. Тоа во превод би значело дека живејачката за толку проценти станала поевтина, односно дека на граѓаните им било олеснето плаќањето на сметките и подмирувањето на другите животни потреби.

Инаку, минатата е прва година која заврши со дефлација по неколку години, односно пад на трошоците од 0,8 отсто беше регистриран во 2009. Во 2010 беше измерена инфлација по стапка од 1,6 отсто, а во 2011 таа беше повисока и изнесуваше 3,9 проценти. Во 2012 стапката на пораст на трошоците на живот беше на ниво од 3,3 отсто, а 2013 година заврши со инфлација од 2,8 проценти.

И додека во стручните економски кругови се водат дискусии во смисла што значи дефлацијата за една економија, и дали таа е или не е поопасна од инфлацијата, граѓаните на речиси сите анкети се жалат дека цените и трошоците не само што не одат надолу, туку постојано се зголемуваат. Или, попрецизно, населението никако да ја почувствува таа дефлација, бидејќи кога ќе отиде во маркет или низ зелените пазари, за него сите производи изгледаат се' поскапи. Тоа, пак, е и сосема нормално, бидејќи просечните плати тапкаат во место долг период наназад. Епилог - граѓаните немаат позначаен благодат од пониските трошоци на живот.

„Кога и да влезам во маркет, имам чувство како се' да поскапело. Или, за иста сума мислам дека можам да купам се' помалку производи. Можеби главната причина е што мојата плата е иста со години наназад“, вели една скопјанка.

Во врска со тоа што значи дефлацијата за македонската економија, од Народна банка на Македонија во неколку наврати досега објаснуваат дека падот на цените е увезен однадвор. И експертите со кои контактираше „Утрински“ сметаат дека дефлацијата во земјава е донесена од странство и се должи главно на падот на цените на нафтата.

„Негативната инфлација, во најголем дел, се должи на отсуството на ценовни притисоци на страната на понудата, главно намалувањето на цената на нафтата и потенцијалните преносни ефекти што таа ги имала врз другите сектори. Оттука, овој пад на цените е целосно увезен и не би требало да се поврзува со евентуално забавување на домашната економија“, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.

Според него, економската активност дома е генерирана од работата на странските фабрики и трошењето на државата, за што, на краток рок, пониските цени може да бидат поволни.

„Само ако трендот на падот на цените продолжи на некој среден рок, тогаш може дефлацијата да биде штетна, бидејќи ќе резултира со одложување на одлуките за трошење и ќе ја забави економската активност. При анализа на опаѓачките цени, значи, потребно е да се гледа контекстот во кој тие се случуваат и нивниот извор, а не учебникарски да се тврди дека дефлацијата е дури и поштетна од инфлацијата“, објаснува овој професор.

Во последниот извештај на НБМ е наведено дека последните движења и оцени за светските цени на нафтата и натаму упатуваат на пониски ценовни нивоа на овој енергент во однос на октомвриските очекувања, и со тоа помали притисоци врз инфлацијата во оваа година. Повторен раст на цените на нафтата се очекува во 2016, но сепак, тие и натаму ќе бидат под нивото од последните неколку години.

„Во однос на цените на храната, последните податоци за житните култури укажуваат на повисоки ценовни нивоа за овие производи, што упатува на нешто повисоки увозни притисоци преку овој канал врз домашната инфлација и условите на размена, споредено со октомвриските проекции“, се вели во последниот преглед на централната банка.

Гувернерот Димитар Богов смета дека дефлацијата е од привремен карактер и е предизвикана од надворешни фактори.

„Би биле загрижени доколку дефлацијата е резултат и на слабата домашна побарувачка, како што е случајот со еврозоната. Но, тоа не е така. Дефлацијата во Македонија е предизвикана исклучиво од падот на цените на неколку увозни берзански производи, нафтата, пченката и пченицата, што потоа соодветно се рефлектира и врз други производи и услуги. Домашната побарувачка има здрав тренд на пораст, а БДП непрекинато расте во последните седум квартали. Би нагласил дека дефлацијата е појава од привремен карактер и очекуваме оваа година инфлацијата да биде над нулата“, вели Богов.

Инаку, во јануари најголем пад има кај трошоците за транспорт, и тоа за близу 12 отсто, додека, пак, најмногу поскапеле алкохолните пијалаци и тутунот, за 5,6 проценти. Поевтинеле и комуникациите, за околу 10 отсто, како и здравјето, мебелот и покуќнината, додека, пак, кај храната и безалкохолните пијалаци има само благо поевтинување од 0,5 отсто. Додека, пак, во јануари поскапеле и облеката и обувките, како и домувањето, водата, електриката и гасот за домаќинствата.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik